ПРОЦЕНКА НА ПОТРЕБИТЕ НА МЛАДИТЕ СЕКСУАЛНИ РАБОТНИЦИ ВО ОДНОС НА ЗДРА Проценка на потребите на младите сексуални работни | Page 12

ПРОЦЕНКА НА ПОТРЕБИТЕ НА МЛАДИТЕ СЕКСУАЛНИ РАБОТНИЦИ ВО ОДНОС НА ЗДРАВСТВЕНИ, СОЦИЈАЛНИ И ПРАВНИ УСЛУГИ 4.2 Достапност и пристапност до услуги Сите услуги кои им беа достапни на сексуалните работници/чки им се обезбедени од страна на граѓанските организации. Од учесниците на фокус дискусијата, 80% ги потенцираа Здруженијата на граѓани СТАР-СТАР и ХОПС (Опции за здрав живот, Скопје), додека пак останатите 20% го истакнаа Здружението на граѓани ХЕРА (Асоцијација за здравствена едукација и истражување), односно Младинските центри „Сакам да знам“ и „Шуто Оризари“ кои работат во склоп на здружението како даватели на услуги. Од ХОПС не носат на женски лекар. Од СТАР-СТАР не праќаат на Водно. (се мисли на Младинскиот центар - Сакам да знам) – сексуална работничка. Како достапна услуга, која ја истакнаа сите учесници во фокус дискусијата е обезбедувањето и дистрибуцијата на основниот пакет за превенција (кондоми и лубриканти). Оваа услуга им е лесно достапна, бидејќи теренски работници кои работат во граѓанските организации им доставуваат кондоми и лубриканти на терен, т.е. до местата на кои работат или живеат. Истите можат да ги добијат и при посета на канцеларијата на СТАР-СТАР. Обезбедувањето на основниот пакет за превенција за маргинализирани групи (сексуални работници/чки, корисници на дрога, ЛГБТИ) е овозможена преку превентивната програма за заштита на населението од ХИВ во Република Македонија од страна на Министерството за здравство. Како втора достапна услуга беше наведена ХИВ тестирање и пред и пост советување за ХИВ тестирање. Оваа услуга им е лесно достапна преку ДДСТ (Доброволно доверливо советување и тестирање) програма на невладината организација ХЕРА. ДДСТ сервисот претставува процес кој и овозможува на индивидуата да добие доверливо советување коешто ќе и помогне да направи информиран избор поврзан со нејзиниот ХИВ статус. ДДСТ овозможува индивидуата да преземе соодветни дејства откако ќе го дознае сопствениот ХИВ статус. ХИВ тестирањето се одвива во мобилни комбиња на ХЕРА. СТАР-СТАР како здружение на сексуални работници/чки претставува линк кој ги поврзува сексуалните работници/чки со давателот на услуги да ја добијат потребната ДДСТ услуга. Истовремено, обучени сексуални работници/чки се вклучени во целиот процес на советување и ХИВ тестирање како советувачи и гејт кипери. Како трета достапна услуга, која ја истакнаа сексуалните работници/ чки на фокус дискусијата се услугите од социјален работник. Сексуалните работници/чки имаат потреба од социјална поддршка, пред се за обновување и вадење на лични документи и за оствраување на социјална помош. Се собираме повеќе девојки и се тестираме за ХИВ во комбето. Бесплатно. – сексуални работнички. 12