Информатор на општина Новаци | Page 6

Со чистење на каналите против поплави
Општина Новаци интензивно работи на чистење на каналите на нејзина територија кои им претставуваат најголем проблем во текот на врнежливите периоди, со цел да превенира појава на поплави на обработливото земјиште. Тендерите за избор на фирми се завршени, изборот е направен а акцијата е започната од 15 август.
„ Тоа се инвестиции на општината од средствата од Фондот за фосилни горива кои ги добиваме заради загадувањето на РЕК Битола како процент со што ги покриваме еколошките проекти, како на пример ова чистење на каналите. Битолско поле нема чистено канали во нашата општина, ова е наша сопствена инвестиција.“- вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.
Каналската мрежа во општина Новаци е доста долга а најголем проблем ни претставува каналот Добрушево- Новаци кој изнесува 15 км а е понизок од нивото на река Црна и имаме враќање на површинските води назад, вели градоначалникот Котевски.
„ Имаме доста канали за чистење, нивната должина изнесува 15-20 км кои скоро секоја година ги чистиме, ама имаме проблем со растенијата и вегетацијата која тука никнува и ги покрива со што протокот се заглавува. Токму затоа ја спроведуваме оваа акција и ги чистиме каналите за да не дојде до поплави како пред 2 години.“- вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.
Општина Новаци средствата од Фондот за фосилни горива ги користи и за изградба на партерни уредувања, ракометни игралишта, водопоила детски забавни паркови и слично.
Новаци една од ретките општини која плаќа надоместок за новородено дете
Веќе 6 години редовна практика на општина Новаци со цел поттикнување на наталитетот на нејзината територија, да исплаќа еднократна парична помош во износ од 5000 денари за секое новородено дете. За да се стекнат со ова право родителите треба да поднесат барање во општината и во прилог да достават извод од матична книга на родени и венчаните, лична карта на родителите и копија од трансакциона сметка.
„ Нашата општина има голема територија но за жал е ретко населена. Токму затоа пред 6 години за да го стимулираме порастот на наталитетот решивме за секое живородено дете да доделуваме еднократна парична помош во износ од 5000 денари. Таквата мерка наиде на позитивни реакции и можеме да се пофалиме дека целта ние постигната затоа што бележиме благ пораст на новородени деца.“ вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.
Право на користење на еднократна парична помош за новороденче има еден од родителите кој треба да биде државјанин на РМ со постојано место на живеење во државата, за дете родено во РМ. Висината на еднократната парична помош изнесува 5000 денари. Статистичките податоци покажуваат дека во Македонија наталитетот постојано опаѓа. Единствено кај Албанците се бележи минимален пораст. Лани во државата биле родени 22 809 деца, а починале 19 513 лица. Проценките се дека Македонија, 2012 година ќе ја заврши со сличен природен прираст како и изминатите години.
6