Sex Workers' Lifestyle Sex Workers' Lifestyle_Final (1) | Page 10

2. Примерок Оваа студија ја утврди потребата за истражување на помала група сексуални работници од Скопје во однос на животните околности, работата, здравствената состојба и здравствените услуги. Беа обработени три сегменти, од кои првиот се однесува на тоа како започнале и која е причината за нивно вклучување во сексуалната работа и како истата влијае врз нивниот приватен живот. Вториот сегмент го испитува взаемниот однос на сексуалните работници со клиентите. Третиот сегмент се однесува на нивното психичко и физичко здравје, како и влијанието на работата врз здравјето и грижата за здравствената состојба. Истражувањето се вршеше со спроведување интервјуа со претходно мапирани сексуални работници. Испитаниците се сексуални работници кои моментално се занимаваат со сексуална работа и се членови на СТАР-СТАР. Со цел да се идентификуваат факторите кои ги одржуваат сексуалните работници во оваа работа и да се испитаат нивните искуства во врска со нивните клиенти и здравјето, и секако да се зголеми репрезентативноста на примерокот, беа опфатени сексуални работници од отворена сцена (сексуални услуги кои се нудат на отворен простор) и затворена сцена (сексуални услуги кои се нудат во хотели или приватни апартмани). Спроведените интервјуа беа стратификувани според неколку карактеристики, вклучувајќи пол и род, возраст, етничка припадност и вероисповед, образование, место на живеење, брачен статус и семејство, работен однос, како и здравствен и социјален статус. Креирањето на примерокот на овој начин овозможува попрецизно формирање на општата слика за животниот стил на сексуалните работници кои што живеат, работат или имаат повремен/привремен престој во Скопје. Треба да имаме во предвид дека со вклучување на помала група сексуални работници во истражувањето, можеме да добиеме делумна претстава за животниот стил на сексуалните работници, бидејќи оваа тема е копмлексна и секое лице има различен стил на живеење и работење. Сепак, со опфаќање на различни профили на лица инволвирани во сексуалната работа може да се добие подетален приказ за сексуалната работа. 7