S-Work No.80 80 | 页面 4

Сексуалните работници „мора да изберат помеѓу легално или безбедно работење“ Според застапниците на правата на сексуалните работници, постои голема недовербата меѓу сексуалните работници и лицата надвор од секс индустријата кои сакаат да им „помогнат“. Честопати, таквата помош резултира со полициска опресија, малтретирање и злоупотреба. Стигматизацијата на сексуалните работници - мажи и жени, цис и трансродови, ескорти, масери/ ки, има негативно влијание врз безбедноста на сексуалните работници кои работат на отворена или затворена сцена и ја прават работата поопасна отколку што е, вели Елена Џефрис, координаторка на групата за застапување на сексуалните работници - Respect Inc . „Односите помеѓу полицијата и сексуалните работници се сè уште на најниско ниво. Сè уште вклученоста на полицијата претставува главен регулатор на сексуалната работа“, вели Џефрис. „Сметам дека декриминализацијата ќе ја отстрани полицијата од сликата како регулатори и обвинители на сексуалните работници. Ние можеме да ја извршуваме нашата работа на начини кои се безбедни за сексуалните работници; на пример, со известување на друг работник кога клиентот ќе пристигне или ќе си замине“, додава Џефрис. Според групата за застапување на сексуалните работници - Respect Inc, овие луѓе кои ја работат сексуалната работа во Квинсленд, Австралија може да бидат казнети поради рекламирање на нивните услуги. „Моментално сексуалните работници се гонат за ситни кривични дела, како на пример за рекламирање на своите услуги, кои ќе паднат ако сексуалната работа се декриминализира. Рекламирањето е еден од начините за промовирање на услугите на сексуалните работници. Едноставно рекламирањето е основно правило за секоја работа. Сепак со рекламирање на сексуалните услуги, сексуалните работници се мета на полицијата“, вели Џефрис. „Ние не сме во можност да ги опишеме нашите вештини за масажа во рекламите, не можеме да се опишеме себеси, дали сме стари или млади, со цел нашите клиенти да имаат претстава за нас. Ако сте фризер или сметководител, дозволено ви е да ја опишете вашата област на експертиза, но за нас, тоа е нелегално. Ние на никого не му штетиме, зошто тогаш нашата работа претставува кривично дело?“, додава Џефрис. Елена Џефрис објаснува дека луѓето надвор од секс индустријата многу малку знаат за сексуалната работа, а сепак нивната вмешаност е повеќе од очигледна. „Во Квинсленд, салоните за масажа се нелегални. Тие не можат да добијат лиценца за работа, бидејќи сè што е поврзано со масажа е исклучено од системот за лиценцирање“, вели Елена. И покрај сомневањата и тензиите што постојат меѓу сексуалните работници и полицијата, Џефрис вели дека има голем број на полицајци меѓу нејзината клиентела. „Тие обично не зборуваат за својата работа, не сакаат да бидат препознаени, бидејќи претпоставувам дека тоа ќе ги направи ранливи. Тоа значи дека се загрижени за нивната приватност и безбедност исто колку и самите сексуални работници“, вели Елена. И покрај тоа што голем дел од полициските службеници користат сексуални услуги, сепак полицијата има развиено тактики за апсење на сексуалните работници. „Тие не мора да имаат сексуален однос - можат да го уапсат лицето за дискусија околу нудењето на сексуални услуги, како на пример нудење орален секс без кондом. Јас сметам дека ваквото дело е неоправдано“, вели Џефрис. 4