S-Work No.78 78 | Page 7

ТрансФормА – Иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Македонија ТрансФормА е заедница на трансродови лица која работи на остварување на правата на трансродовите лица и нивно достоинствено претставување. Првичната идеја за оформување на оваа иницијатива е пред сè здружување на трансродовите лица и нивно заедничко делување во насока на препознавање на оваа заедница, правно признавање на родот и општествено прифаќање. Почетоците на ТрансФормА се во просториите на Коалиција Маргини, во 2011 година. Првичните средби се користат за дружење и мапирање на проблемите и потребите на оваа маргинализирана група. Тогаш познати само како „транс група“, овие луѓе преку своите контакти со други граѓанските организации и поддржувачи, започнуваат да создаваат видео материјали и мали прирачници кои би им биле од корист на сите од заедницата. Групата има и своја развојна фаза во рамките на ЛГБТИ Центарот за поддршка, во форма на транс група за поддршка. Тука започнуваат контактите и обуките со психолози, психијатри, како и претставниците на медицинските тимови и активистичките групи од Белград. По 2014 година, оваа група функционира без своја матична локација, меѓутоа континуираната соработка со Коалиција Маргини во однос на различни анализи, истражувања и други видови материјали доаѓа до израз. Се прави неформална мрежа од активистички ориентирани луѓе, но и од медицински лица од различни специјалности, со кои се воспоставува неформален тим кон кој можат да се упатат трансродовите лица за да добиваат здравствени услуги, при тоа без да бидат осудувани и дискриминирани. 7