S-Work No.78 78 | Page 6

Грижата едни за други е политичка работа. Пример за меѓусебната грижа кај сексуалната заедница датира уште од 19-иот век. Во Велика Британија и во Ирска, сексуалните работници се организирале во заедници и си давале меѓусебна помош, си ги делеле приходите и заедно се грижеле за своите деца. Еден новинар во тоа време забележал: „Главниот принцип на едно здраво општество е меѓусебното делење на добра ... кога во тешки времиња една или повеќе фамилии им помагаат на други. Се што заработуваат оди во една каса и од истата се обезбедуваат основните потреби за сите.“ Храброста и отпорноста на сексуалните работници игра голема улога во многубројните борби за слобода. Во 50-ите години од минатиот век, сексуалните работници биле дел од активистичкото движење познато како Мау Мау, кое довело до ослободување на Кенија од Британската колонијална влада. Во 60-ите и 70-ите години од минатиот век, сексуалните работници учсетвувале во бунтот кренат во неколку кафулиња во центарот на Њујорк за ослободување на ЛГБТ заедницата во САД. Во време на брзи општествени промени, сексуалните работници често се наоѓале во центарот на голем број протесни акции. Како што вели активистката и сексуалната работничка Марго Сент Џејмс: „Потребни се само две минути една курва да се исполитизира“. Сент Џејмс била жестока активистка за правата на сексуалните работници и основач на заедницата на сексуални работници во Сан Франциско. Во 70-ите години, кога сексуалните работници немале јавна платформа преку која можеле да го кренат својот глас, таа отворено се идентификувала како „курва“ во јавноста. Во едно нејзино интервју за Ролинг Стоун, Џејмс зборувала за својата визија за ослободување на женската сексуалност. Таа ја формирала организацијата Call Off Your Old Tired Ethic (COYOTE) која дала значаен придонес во борбата против насилството врз сексуалните работници кои работеле во борделите. Во 1974 година, сексуалните работници во Етиопија пристапиле кон новоформираната Конфедерација на слободни работни синдикати и се вклучувале во низата штрајкови кои пак придонеле за падот на владата. Во Европа, генерално активистичките движења на сексуалните работници започнале од 1975 година, кога сексуалните работници во Франција ги окупирале црквите во знак на протест против криминализацијата, насилството и полициската опресија. Во текот на осумдесеттите години, се повеќе движењата за права на сексуалните работници почнале да стануваат меѓународни. Првиот и вториот Конгрес на сексуални работници се одржал во Амстердам и во Брисел, а почнале да се појавуваат и нови групи на сексуални работници во Австралија, Тајланд, Бразил, Јужна Африка и Уругвај, и други. Во 1997 година, околу 4,000 сексуални работници влегле во историјата, на првата Национална конференција на сексуални работници во Индија, организирана од страна на Durbar Mahila Samanwaya Committee (DMSC). На наредната конференција која се одржала во 2001 година, бројот на сексуални работници се зголемил на 25,000, кои биле дојдени во Калкута да си ги изнесат своите барања. Во Боливија, во 2000-та година, 35 илјади сексуални работници од сите краеви на земјата учествувале во низа колективни акции против полициското насилство и затворањето на нивните работни места. „Се бориме за нашето право на работа и за опстанок на нашите семејства“, изјавила Лили Кортес, водач на Асоцијацијата на ноќните работници „Ел Алто“. Некои од сексуалните работници организирале и протести и одбивале да одат на задолжителните прегледи за СПИ (сексуално преносливи болести). „Ќе протестираме се додека не се исполнат нашите барања. Сакаме слободно да работиме и никој да не не малтретира. Ќе се бориме со сите средства за правата што ги заслужуваме“, изјавил еден од учесниците на протестот на сексуални работници во Боливија. 6