S-Work No.76 76 | Page 7

Криминализацијата на сексуалната работа носи повеќе насилство отколку кога истата би била декриминализирана Сексуалните работници имаат три пати поголема веројатност да доживеат насилство од страна наклиентите, во земји каде сексуалната работа е криминализирана, покажуваат податоците од една неодамнешна студија. Според истражувањата на експерите од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, сексуалните работници кои страдаат од полициска репресија - вклучувајќи ги и апсењето, затворањето и изнудувањето од страна на полицајците – имаат три пати поголеми шанси да доживеат сексуално или физичко насилство од клиентот и два пати поголема веројатност да се заразат со ХИВ или некоја друга сексуално пренослива инфекција од оние сексуални работници кои работат и живеат во земји каде што се толерира сексуалната работа. Сексуалните работници кои стравуваат дека тие или нивните клиенти може да бидат уапсени од страна на полицијата е поверојатно да се впуштат во ризични средби, немајќи можност да одвојат време да разговараат со клиентот пред да влезат во автомобил или да преговараат однапред, истакнаа истражувачите. Нивното здравје и безбедност се изложени на ризик не само во земјите каде сексуалната работа е криминализирана, туку и во земји како Канада, која го воведе „Шведскиот модел" за регулација на сексуалната работа, каде што клиентот може да биде уапсен за кривично дело, но не и сексуалниот работник. Голем број држави не се сложни околу легализацијата на сексуалната работа. Некои забрануваат, вклучувајќи ги Шведска и Канада каде ги казнуваат клиентите, а останатите како Германија и Нов Зеланд, ја легализираа или целосно ја декриминализираа сексуалната работа. Меѓународен тим експерти ги анализирал ефектите на различните закони врз сексуалните работници, во прво такво истражување досега, и утврдил дека репресивните политики го зголемуваат ризикот за безбедноста и здравјето кај сексуалните работници. „Таму каде што сите или некои аспекти на сексуалната работа се криминализирани, постои страв од апсење на нив самите или на нивните клиенти, што значи дека сексуалните работници често на брзина ги бираат своите клиенти“, вели Луси Плат, главната авторка на студијата. „Стравот од полицијата значи дека сексуалните работници имаат помалку време за преговори за видот на услугата и дека ја одработуваат работата на скриени места“, додава Плат, професорка на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина. Поради тоа се поизложени на кражби и насилство, истакнува таа. Истражувањето, објавено во магазинот PLOS Medicine, ги анализирало податоците од над 130 студии во 33 држави, од Британија до Уганда, објавени во научни списанија од 1990 до 2018. Експертите утврдиле дека сексуалните работници на кои им се заканува полициска сила, како апсење или притворање, се изложени на поголемо насилство од клиентите, партнерите или други луѓе. Од друга страна, оние кои немаат притисок од полицијата, двојно помалку се заразуваат со ХИВ и други сексуално преносливи болести и три пати поретко практикуваат секс без користење кондоми. „Јасно е дека со криминализацијата на сексуалната работа се нормализира насилството и се зајакнува родовата, расната и економската нееднаквост. Декриминализацијата на сексуалната работа е итно потребна, но мора да се решат и други проблеми“, вели коавторката на студијата Пипа Гренфел. Таа додава дека потребна е поширока политичка акција за справување со нееднаквостите, стигмата и исклучувањето со кои се соочуваат сексуалните работници, не само во рамките на системот на кривичната правда, туку и во здравството, семејното насилство, домувањето, социјалната помош, вработувањето, образованието и имиграциониот сектор. Британското здружение на сексуални работнички кои се залага за легализација на сексуалната работа вели дека ова истражување ги потврдува нивните искуства. 7