S-Work No.76 76 | Page 6

Зошто треба да се декриминализира сексуалната работа? Постојат повеќе причини зошто декриминализацијата на сексуалната работа претставува најдобра политика за унапредување на здравјето и човековите права на сексуалните работници. Во Република Македонија, не постои закон со кој се регулира сексуалната работа. Изведувањето на сексуална работа, односно „оддавање на проституција” се смета за нарушување на јавниот ред и мир (член 19 од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во Р.М.), додека некои други активности поврзани со сексуалната работа (подведување, охрабрување, заработување од посредување за сексуални услуги) се третираат и казнуваат како кривични дела (член 191 од Kривичен законик на Р. М., 1996). Со измени на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и елиминирање на делот од Кривичниот закон кој ги гони сексуалните работници ќе се придонесе до препознавање на сексуалната работа како и секоја друга работа, и ќе придонесе кон заштита на нивните човекови права, зголемување на безбедноста на нивното работно место и полесен пристап до здравствени, социјални и правни услуги. Со декриминализација на сексуалната работа е поголема веројатноста сексуалните работници да живеат без стигма, социјална исклученост и без стравот од насилство. Сите луѓе се раѓаат слободни и еднакви во своите права. Не треба да ги бараме причините зошто некој ја одбрал сексуалната работа како своја работа! Без разлика на причините, сексуалната работа е работа и истата треба да се третира како и секоја друга професија. Се додека македонските закони ја пенализираат сексуалната работа, се отежнува пристапот до правните, здравствените и социјалните услуги, сексуалните работници се изложуваат на насилство, дискриминација и се прекршува нивното право на работа и безбедност. Системот ги принудува сексуалните работници уште повеќе да се дават на дното, да се кријат, тајно да нудат услуги, да работат во подземјето. Сексуалните работници кои направиле свој слободен избор да влезат во оваа индустрија, сакале или не, сепак, се вклучени во нелегалните аспекти на овој бизнис. Декриминализацијата нема да направи насилството да исчезне, ниту пак непочитувањето, малтретирањето, бележењето итн. Ниту пак со декриминализација или депенализација, ќе се решат наеднаш овие проблеми. Но, сепак би се одело во правец кон почитување на оние поразличните, и кон почитување на туѓиот избор. Со декриминализација ќе се отстранат многу бариери и ќе има поголем број сексуални работници кои ќе можат слободно да се обратат за помош во полиција или на суд, без да бидат законски гонети или апсени. Декриминализацијата отвора можности за креирање безбедни услови за работа на сексуалните работници. Декриминализацијата овозможува здружување на сексуалните работници кои организирано би можеле да ги пријавуваат ризичните фактори на нивното работно место и да инсистираат на добивање подобри услови. 6