S-Work No.75 75 | Page 4

Минатата година се одбележаа јубилејни 10 години од кампањата по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници, при тоа беше организирана серија настани за поддршка на сексуалните работници во рамки на „Денови против насилство врз сексуалните работници“ во соработка со Коалиција „Маргини“. Во склоп на кампањата беше организирана уметничка инсталација во центарот на Скопје – Skopje Red Light District со цел да го отслика шармот на Улицата на црвените фенери во Амстердам. Шест девојки имаа свој перформанс на улица „Св. Климент Охридски“, преку кои индиректно разговарале со минувачи и им ги поставувале прашањата како „Дали на Скопје му треба ова?", „Дали некој ме заштити?", „Треба ли да останам забранет/а?", „Треба ли јавно да разговараме за ова?", „Дали ме поддржуваш?" итн. Овој атрактивен настан имаше за цел да им покаже на пошироката јавност дека сексуалната работа постои во Македонија. Беше организиран и Марш на црвениот чадор со паролата: „10 години гласно за сексуалните работници”. Црвениот чадор е глобален симбол на сексуалната работа. Црвената боја симболизира убавина, а чадорот ги штити сексуалните работници од злоупотреба од страна на полицијата, макроата, клиентите, општеството. Ние, сексуалните работници заедно со нашите поддржувачи ВЕ ПОВИКУВАМЕ и оваа година да се приклучите кон Маршот на црвениот чадор и да станете дел од нашите заложби за искоренување на насилството врз сексуалните работници. 4