S-Work No.75 75 | Page 3

17-ти декември - Меѓународен ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници Како и секоја година, Првиот колектив на сексуални работници СТАР-СТАР од Скопје по 11 пат ќе организира Марш на црвениот чадор со цел да го одбележи Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници. СТАР-СТАР заедно со своите поддржувачи и активисти се приклучува кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група. Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници за прв пат беше одбележан во 2003 година како спомен и почит за жртвите - сексуални работници на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон, кој потоа беше осуден на доживотна казна затвор. Оттогаш, на овој ден секоја година се организираат протесни маршови на сексуалните работници од целиот свет со цел да ја истакнат потребата за ставање крај на насилството врз нив. Сексуалните работници постојано се изложени на насилство, агресија и малтретирање поради нерегулираната законска легислатива, стигмата и дискриминацијата. Сексуалните работници повеќе од 15 години ширум светот се борат за своите права, за нормални и безбедни животни и работни услови, за едно подобро општество кое треба да ја прифати сексуалната работа како и секоја друга професија. 3