1 -ви декември - Светски
ден за борба против СИДА
Светскиот ден за борба против СИДА се одбележува секоја година на 1-ви декември и претставува
можност за луѓето ширум светот да се обединат во борбата против ХИВ, да ја дадат својата
поддршка за луѓето кои живеат со ХИВ и да укажат почит кон оние кои починале. Светскиот ден на
СИДА-та е една од осумте глобални кампањи за здравје на Cветската здравствена организација и за
прв пат се одбележала во 1988-та година. Оттогаш, па се до денес овој ден се одбележува насекаде
во светот.
До крајот на 2016-та година, биле регистрирани околу 36,7 милиони луѓе кои живеат со ХИВ на
глобално ниво. До средината на 2017 година, регистрирани се околу 20,9 милиони луѓе кои живеат
со ХИВ и примаат антиретровирусна терапија на глобално ниво. Глобалната покриеност за
антиретровирусна терапија кај бремени жени и доилки кои живеат со ХИВ е висока, односно 76%.
Повеќе од 35 милиони луѓе починале од ХИВ вирусот, што го прави една од најголемите пандемии
во историјата.
Во Република Македонија стапката на ХИВ е на најниско ниво, а најзасегнати се ризичните групи,
лица кои инјектираат дроги, сексуални работници и мажи кои имаат секс со мажи. Според
евиденцијата во Институтот за јавно здравје, за 30 години односно од 1987 до 2017 се регистрирани
338 случаи на ХИВ, од кои што 83 се веќе починати, а 255 лица живеат со ХИВ и примаат
антиретровирусна терапија.
Денес, постојат голем број научни достигнувања кои се
значајни за третманот на ХИВ, како и закони за заштита
на луѓето кои живеат со ХИВ. Но, и покрај тоа, луѓето се
уште не знаат како да се заштитат себеси и другите од
ХИВ, а стигмата и дискриминацијата се сеуште присутни
кај многу луѓе кои живеат со ХИВ.
Одбележувањето на Светскиот ден на СИДА е многу
важен, бидејќи ја потсетува јавноста дека борбата против
ХИВ/СИДА не е завршена - се уште е потребно да се
соберат пари, да се подигне свеста, да се бори против
предрасудите и да се подобри образованието.
Светскиот ден на СИДА е можност да се научат фактите за ХИВ вирусот, начинот на пренесување, да
се спречи неговото ширење, да се третира и да се прифати реалноста на живеење со ХИВ.
Обезбедувањето на правото на здравје за сите е од големо значење да се постигнат вистински
здравствени услуги на сите оние на кои им се потребни. Пошироката политичка и социјалната
средина треба да играат клучна улога во креирање на превентивните програми за ХИВ.
Во Република Македонија секоја година се организираат јавни настани за одбележување на
Светскиот ден на СИДА, со цел да се подигне јавната свест и да им се даде поддршка на лицата кои
живеат со ХИВ, кои доколку навремено се дијагностицирани и редовно се третираат имаат долг и
нормален живот.
Грижете се за сопственото здравје и за здравјето на другите!
2