S-Work No.74 74 | Page 9

полесно со семејствата и пријателите, иако сум свесен дека многу од нив во моментов се далеку од таква ситуација. Како мислите дека се третираат трансродовите лица во општеството во целост? Бојан: И кај нас, и надвор од Македонија, ситуацијата е генерално лоша. Има само неколку држави во кои може да се променат документите без да ве тераат сосила да легнете под нож. А и тоа ве тераат сами да го платите, затоа што не е достапно и на никого не му е гајле што не можете да најдете никаква работа поради дискриминација. Меѓутоа, најстрашниот дел е насилството. Транс луѓето во многу држави се тепани и убивани само поради тоа што сакаат да живеат според тоа што го чувствуваат. Тоа е хорор. На Интернет можат да се најдат бројни приказни. Тоа се вистински луѓе, кои само сакале да бидат среќни. Има и деца меѓу нив, кои оставиле пораки пред да се самоубијат. Очигледно нивната среќа некому пречела. Тоа кажува многу за вредносниот систем во општеството. На луѓето им е најлесно да мразат. Не размислуваат за последиците. Во однос на искуствата, препорачувам да го прочитате истражувањето Трансродовото искуство од Славчо Димитров, издадено од Коалиција Маргини, го има на нивниот сајт. Ова е едно неверојатно остварување на нашиве простори и не смее да се прескокне. Дали сте имале лошо искуство со институции, или пак некоја немила случка/инцидент во јавноста во последните години поради промената на вашиот изглед и неусогласените документи? Бојан: Веќе не знам ни колку се на број. Премногу се. Повеќе од седум години сум во процесот, чекам, чекам и упорно чекам од институциите да утврдат дека јас постојам и дека имам право на квалитетен живот без да се објаснувам секаде. А објаснувањето е неизбежно. На сите нешто им е чудно, сите нешто прашуваат. Сите гласно кажуваат „Еј, зошто ти е женски матичниот број?“ пред цела чекална луѓе. И морам да објаснам затоа што сакам да ја добијам услугата. Честопати и покрај објаснувањето не ја добивам. Ова се случува секаде: ми се случи на факултет, во банка, во пошта, на клиника, во ФЗОМ, во МВР при издавање лична карта и пасош, на граница... Како јас да должам некому објаснување зошто постојам. Не, тие ми должат мене објаснување зошто јас сум лошо третиран без причина и приватноста ми е целосно нарушена поради нивната несензибилизираност. Колку безбедно се чувствуваш кога одиш по улица, или на некој јавен настан? Бојан: Јас лично се чувствувам прилично безбедно затоа што во мојот изглед нема ништо што би можело да натера некого да се сомнева. Меѓутоа има многу транс луѓе кои немаат започнато со медицинска транзиција или кои се на почетокот, и кај нив уште има елементи кои се забележливи. А луѓето зјапаат и којзнае што можат да направат. Од искуства на пријатели знам дека дофрлувања има постојано. Понекогаш и насилство. Ова е нешто што мора да се промени. Има транс луѓе кои поради своето здравје не смеат да земаат хормони, на пример, иако сакаат. Или пак поради здравствени ризици не смеат да добијат анестезија за да направат хируршка интервенција, иако сакаат. Ставени се во ситуација или да се кријат и да се чувствуваат ужасно, или да излезат надвор во облека која е во согласност со нивните чувства и да бидат изложени на дискриминација и насилство. Не може и не смее да се очекува од сите транс луѓе да се „вклопат“. Не е тоа еднодневен процес. Заедницата е многу разнолика. Сите транс луѓе заслужуваат еднаква почит како и другите, заслужуваат заштита и безбедност, без разлика како изгледаат. Што мислиш дека им е најпотребно на трансродовите лица во Македонија? Бојан: Па, има повеќе работи. Прво, исто како да не постоиме - нѐ нема во ниеден закон. Ништо не е регулирано. Немаме никаква заштита. Очекувам родовиот идентитет заедно со сексуалната ориентација да влезат во новиот закон против дискриминација. Очекувам заштита од насилство во 9