Кривичниот законик. Очекувам медицинските услуги да бидат овозможени, затоа што во моментов
скоро цела држава ја прекршува одредбата за постигнување на највисоко можно ниво на здравје и
други одредби од Законот за заштита на права на пациенти, на пример. Очекувам брза, транспарентна
и пристапна постапка за правно признавање на родот (промена на документите), врз основа на
самоопределување и без услови за никакви медицински интервенции, затоа што тоа го напаѓа нашиот
телесен интегритет, а тоа е уставно загарантирана категорија. Во моментов има некои успешни судски
случаи за промена на документите, но регулатива сепак нема. И очекувам сите овие работи да бидат
направени согласно нашето право на приватност. Но, една од најважните работи е - очекувам нашето
општество да сфати дека постоиме, дека сакаме само среќно да живееме - да станеме наутро, да
јадеме, да одиме на работа, после работа да прошетаме со друштво, да гледаме филм и да си легнеме.
Нема никаква причина, ниту потреба од неприфаќање и омраза. Од лично искуство и од искуствата на
пријатели знам дека луѓето најдобро учат за ЛГБТИК+ темите кога имаат некој близок. Во одлични
односи сум со семејството и пријателите и верувам дека тоа може да се пренесе и кај другите транс
луѓе и нивните семејства и пријатели. Треба само малку добра волја.
Дали знаете некое здружение/организација каде што може да се обратите доколку ви требаат
информации во врска со правни аспекти и каде што можете да ја добиете поддршката што ја
барате?
Бојан: Па има неколку, меѓутоа јас сум најмногу во контакт со Коалиција Маргини, каде што транс
луѓето се дел од клучните целни групи за работа. Таму веќе со години добивам и правна помош. Тие
имаат искусни правници кои го имаат анализирано системот и законите и се многу чувствителни на
потребите на заедницата. Може да се добие и психолошка поддршка доколку има потреба. Имаат
издадено бројни анализи и прирачници за заедницата.
Кои се твоите предизвици во животот како трансродово лице?
Бојан: Моите предизвици се во најголема мера фокусирани на проблемот со документите. Тоа е нешто
што ќе го туркам до крај - веќе поминаа над 7 години, но крајот веќе се гледа. Ова не е само моја
потреба туку и на целата заедница. Поважно е отколку што изгледа затоа што директно влијае на
пристапот до домување и работа. Јас имав среќа, имам поддршка од семејството, но замислете транс
лице кое 7 години чека за промена на документи, 7 години да не може да најде стан или работа поради
тоа што не му е одобрена промената. Затоа е многу важно да се оди до крај. И би сакал, буквално
лична желба ми е, да видам поголем дел од транс заедницата како се активира и го бара тоа што им
следува, а им е ускратено. Ние сме рамноправни граѓани и мора да бидеме третирани како такви.
10