На другиот крај на Скопје, во Маџир маало, и денес постои објектот на познатата кафеана и јавна куќа „ Три вили”. По иронија на судбината, денес тука се сместени просториите на Народна кујна. Некогаш во првиот дел од зградата постоела фурна, а вториот дел бил кафеана. Еден од најстарите жители на маалото денес ми раскажува дека посетители на јавната куќа, поради близината на Аеродромот, биле главно воени лица. Сопственичка била некоја маркантна, дебела жена, а проститутките биле убави девојки што биле доселени во Скопје.
А каква била атмосферата и клиентелата во скопските јавни куќи меѓу двете војни, извонредно сликовито ни ги опишува Д. Михајловиќ во романот „ Чизмаши”. Еве еден интересен дел: „ Сe си мислам, превртувам нешто во главата, каде ќе одам, што ќе правам, ајде, си велам, ќе појдам во јавна куќа.
А тогаш во Скопје, близу до Станицата, една мала улица беше преполна со јавни куќи. Преку ден, тие изгледаа како секоја обична кафеана, само што се затворени, и никој не би помислил нешто друго. И девојките дење спијат, па не можеш ниту да ги видиш. А јас сум им постојан муштерија, сите ме знаат, ќе ме пуштат внатре... Така, со мене седна сопственикот на куплерајот, некој чичко Трпко. Нарачав шприцер и кафе за себе, нарачав нешто и за него. Разговаравме. Тој се жали дека работата во последно време не му оди добро. Мајката, си велам, може ли на проститутките да не ми оди добро? Дали девојките, велам, сe уште спијат? Мајчината им, вели тој, спијат. Само спијат и јадат, ништо друго не прават. Пет пари не даваат за гостите. Но сите еден ден ќе ги разбркам. Ќе доведам млади девојки од село, сe уште нерасипани, прсти да си излижеш. Потоа самиот си ги лиже прстите... Дали ти посакуваш некоја? За тебе, Жико, сe ќе направам. Кажи која сакаш да ти ја повикам? Би сакал, велам, да ми ја повикаш горе онаа Роса, ако е будна. Сите тие имаат чудни имиња, доколку имињата им се нивни. А таа Роса беше олкава, бомба женска. И многу добро знаеше да се дупи, со сите марифети. Честопати и бев муштерија. Добро, вели Трпко, оди горе”.
Мирослав Крлежа вака го опишува „ Јанчев ан” за време на Балканските војни во романот „ Знамиња”: „ Најголемата општествената сензација овде среде Чаршијата е една меана, еден ан, еден Јанчев ан... Да го слушнеш само урнебесот од победоносните извици на гостите кои курвата ја сметаат за говедце”.
По војната, нелегализираната сексуална работа во Скопје е присутна во ресторанот на хотелот „ Бристол”, а во седумдесеттите години таа се сели во кафената „ Ново Скопје” на Бит-пазар.
6