Сексуалната работа во минатото- Урбана историја на старо Скопје
Сексуалната работа во Скопје била легализирана уште во периодот меѓу двете војни. Таа била сконцентрирана во посебни маала и квартови во градот. Најмногу во поранешното Циган маало, на десната страна од реката Вардар и во Старата чаршија. Јавните куќи имале необични и егзотични имиња: „ Марс”, „ Венеција”, „ Три вили”, „ Фенерли ан”, „ Океан”.
Легализацијата значела водење, пред сe, лекарска грижа за дамите на ноќта, но таа нудела и други погодности за да се заштити најстариот занает на светот. Постојат записи и уметнички текстови кои многу автентично ја отсликуваат атмосферата и спецификата на јавните куќи во Скопје, како и други, документарни кажувања, кои се трајни сведоштва.
Најпознати кафеани- јавни куќи во Старата чаршија биле „ Јанчев ан” и „ Фенерли ан”. „ Јанчев ан” се наоѓал на просторот кај денешното плато пред црквата „ Св. Спас”, и тој објект сега веќе не постои. Иако денес многумина поминуваат покрај „ Фенерли ан”, не знаат дека тој некогаш бил јавна куќа. Се наоѓа над дуќанот на клучарот Мирко, а пред познатото кафуле „ Наргиле”. Ова е еден од објектите кои ја чуваат патината на старата архитектура од Чаршијата. Случајно или не, него и денес го краси еден стар фенер. Постојат многу анегдоти и необични ситуации поврзани со јавните куќи во Скопје. Проституките најчесто се криеле зад необични и звучни имиња: мадмоазел Лили, Црна Маца, Фифи, Роса, Лотосов Цвет. И околу Зеленото пазарче имало јавни куќи, а едната од нив го носела името „ Рудник”. Еден од постарите жители од тој крај ми раскажуваше дека најпопуларна била мадмоазел Лили. Преку лето, таа со голи гради се сончала на прозорецот. А пред прозорецот имало врвулица од луѓе, љубопитници и почитувачи на дамата. Но, не можел секој да влезе во јавната куќа, особено не сиромашните. Еден работник од Монополот смислил итрина- неколку денови во неделата не пушел цигари и јадел црн леб. Заштедата била доволна за една посета кај мадмоазел Лили.
Кај денешната гимназија „ Јосип Броз- Тито”, некогаш имало две јавни куќи. Едната со име „ Гостивар”, а другата „ Хајдук Вељко”. Тамошните жители, тогаш деца или млади момчиња, денес во повозрасни години, се сеќаваат дека за време на војната добивале по еден лев од проститутките, ако им најдат муштерија. Ангажманот бил повремен и случаен, а заработувачката одлична за тогашните кризни времиња.
5