Дали некогаш си се соочил со некаква дискриминација надвор од твојата работа, поради тоа што си сексуален работник?
Секојдневно се соочувам со навреди во мојот роден град – Струмица. Ми се има случувано на улица или по кафулињата да ми довикуваат со: „ Еј види го овој, знаеш што работи“ или „ Види го педер“. Но јас не подлегнувам на тие провокации. Јас сум веќе изградена личност, самостојна и знам што сакам во животот.
За какви права се залагаш? Што би сакале да ви обезбеди државата?
Сакам целосно да бидам заштитен од државата, да можам слободно да се движам и секако да имам еднакви права и можности како и секој друг граѓанин на Р. М. без разлика на мојата професија. Сакам да функционирам нормално. Сметам дека не треба да постои никаков вид на дискриминација ниту говор на омраза, туку напротив треба да постојат закони кои ќе не заштитуваат од секаков вид на насилство.
Дали сметаш дека поголемите права ќе донесат поголемо охрабрување за сите оние кои се занимаваат со оваа професија?
Апсолутно. Ние, сексуалните работници доколку би уживале поголеми права, би живееле слободно и нормално. Не сакаме да живееме во страв, едноставно сакаме да бидеме прифатени такви какви што сме.
Дали заработуваш доволно за удобен живот?
Па не можам да кажам дека заработувам за удобен живот, тоа би значело дека ништо не ми недостасува, а сепак ми недостасуваат многу работи. Но, воопшто не се жалам во однос на тоа колку заработувам, за мене има доволно.
Дали некогаш си размислувал да се преселиш во некоја од Европските држави каде сексуалната работа е декриминализирана?
Да, сум размислувал, но во моментов не можам зошто не ми дозволуваат условите.
Дали некогаш чувствуваш страв во однос на она каде ќе се движи твојата иднина? Дали се каеш за некоја твоја постапка или одлука?
Да, се плашам за мојата иднина, затоа што не знам што ме чека, но сум доволно храбар да продолжам понатаму. Во однос на тоа дали сум се покајал некогаш во животот за некоја моја постапка или одлука, секако имало такви периоди. Тука можам да го издвојам периодот кога примав секакви клиенти и воопшто не бев внимателен. Тоа веќе не го правам, затоа што сум свесен дека е ризично.
Како ја гарантираш дискрецијата на клиентите, дали ти веруваат и дали некогаш си бил во ситуација да ја злоупотребуваш истата?
Никогаш не сум ја злоупотребувал, бидејќи на тој начин само јас можам да загубам пари, клиенти и време. Се трудам колку што можам да се придружувам строго кон правилата кои си ги имам поставено и се грижам строго за дискрецијата на моите клиенти.
4