„ Моделот на декриминализација, исто така ќе ги подобри условите во кои што сексуалните работници живеат и работат. Декриминализацијата ќе им овозможи полесен пристап до здраствена грижа. Последно, но особено важно декриминализацијата на сексуалната работа ќе го разграничи митот и поврзаноста помеѓу волонтерската сексуална работа и трговијата со луѓе,“ вели Божинов.
Сексуалната работа е непринудна продажба на сексуални услуги за пари или други материјални добра меѓу согласни возрасни лица. Сексуалната работа вклучува улична проституција, ескорт услуги, сексуални услуги преку телефон, порнографија, егзотично танцување и др. Сексуалниот работник може да биде или маж, жена или трансродно лице.
Сексуалните работници и нивните права се целосно игнорирани, па ефектите се нивен прогон, насилство, дискриминација, противправно приведување за кое никој не одговара. Ако сексуалната работа не е забранета со закон, институциите и опкружувањето ги прифати сексуалните работници, ќе се овозможи заштита на сексуалните работници од насилство и дискриминација на нивното работно место.
Признавањето на сексуалната работа ќе придонесе кон полесен пристап до правдата во случај на повреди на нивните права и соодветно казнување на сторителите со што ќе се превенира идно насилство и дискриминација.
Декриминализацијата на сексуалната работа подразбира пред се, признавање на сексуалната работа како работа слично како и останатите услужни дејности. Како и секоја друга работа, сексуалната работа, треба да ги гарантира правата и обврските кои произлегуваат од работен однос. Финансиската придобивка на државата, во таа смисла би била плаќање на персонален данок на доход, или данок на добивка соодветно. Примерите од другите земји покажуваат дека декримнализацијата, придонесува за намалување на криминалот, го намалува ризикот од пренос на ХИВ, и други преносливи болести. Декриминализацијата исто така помага во поефикасен одговор во борбата против трговијата на луѓе. Во услови каде поради стравот од кривична одговорност, сексуални работници стануваат жртви на насилство, и немаат пристап до правда.
Затоа еден од начините за да се започне реформа на постоечка состојба е да се укинат законите со кои се казнуваат сексуалните работници, да се промени праксата на институциите со која се кршат нивните права во пристапот до добра и услуги и да се работи на елиминирање на стигмата со што ќе се овозможи непречено уживање на правата и почитување на достоинството на сексуалните работници.
Декриминализацијата не е појава – концепт кој што не постои, напротив додека во Македонија стигмата кон овие луѓе расте во многу други земји како Нов Зеланд и Нов Јужен Велс, овој модел го сфатиле како најефикасен при заштитата на правата и здравјето на сексуалните работници. Затоа за ваквиот модел стојат и за него се борат сите здруженија и унии на сексуални работници и групи за човекови права на глобално ниво.
Извадок од „ Декриминализација на сексуалната работа во Македонија“ на Сунаи Сабриоски, новинар на ТРИАГОЛНИК.
3