S-Work No.55 S-Work | Page 2

Декриминализација на сексуалната работа во Македонија Стара е мислата дека ништо подобро не зборува квалитетот и карактерот на еден општествен поредок од положбата на човекот во него. Република Македонија е повеќепартиска парламентарна демократија основана во 1991 година, откако стекна самостојност по распадот на СФРЈ Југославија. Уставот е највисокиот закон во државата. Согласно Уставот, секој граѓанин треба да ужива еднакви права и слободи. Кога се наметнува прашањето за маргинализираните групи, во овој контекст сексуалните работнички и работници и нивните слободи и права, се отвара прашањето од потребата на декриминализација на сексуалната работа во Македонија. Појдовно од тоа дека почитувањето на слободите и правата на граѓаните треба да биде императив за секое демократско општество, дава до знаење дека и сексуалните работници треба да уживаат еднакви права. Како едно од многуте прашања кои што заслужуваат одговор кога станува збор за сексуалната работа е следново: Која е потребата од декриминализација на сексуалната работа во Македонија? Во Македонија сексуалната работа се смета како работа која го нарушува јавниот ред и мир: Кој се оддава на проституција и издава,односно става на располагање простории за вршење на проституција ќе му се изрече глоба од 600 до 800 евра. Декриминализацијата е концепт различен од концептот на легализација на сексуалната работа. Целосната декриминализација подразбира отстранување на сите кривични и прекршочни забрани и казнувања поврзани со сексуалната работа, вклучувајќи ги и законите кои се насочени кон клиентите и менаџерите и сопствениците на бордели. Целосната декриминализација подразбира безбедни работни услови и работнички права. Декриминилизацијата дава можност на сексуалните работници да се заштитат од насилство, вклучително и од полициско насилство, дава можност за безбедно пријавување насилство и пристап до правда, што е најголем проблем во земјите каде сексуалната работа е криминализирана, па сексуалните работници се плашат да пријават насилство од страв самите да не бидат приведени за кривично или прекршочно дело. Го олеснува пристапот до здраствени и социјални сервиси, обезбедува подобри работни услови, со што дирекно влијае на намалување на ризикот од ХИВ и други преносливи болести. Глобалната заедница на сексуални работници многу одамна се солидаризираше во смисла на заедничко делување во борбата за признавање на сексуалната работа како работа. Постојат неколку причини зошто декриминализацијата е општо прифатен модел на регулација на сексуалната работа со јасно утврдени стандарди. Извршниот директор на СТАР, Борче Божинов смета дека декриминализацијата на сексуалната работа во Македонија го одразува почитувањето на човековите права и личното достоинство. 2