Тренинг Модул за сексуална работа, ХИВ и човекови права Тренинг модул за сексуална работа ХИВ и човекови п | Page 76
Прилози
Пример 3 (за вежба 2 од Модул 3)
Случај бр. 3
Во овој случај, момче на возраст од 24 години, кое неодамна дознало за својата ХИВ-
инфекција, се обратило до психолог при Поликлиниката „Букурешт“ во Скопје, со цел
да направи психолошки тест, по упат од неговиот психијатар. Психолошкиот тест бил
потребен за да може правилно да се одреди неговата терапија. Додека пациентот го
решавал тестот, психологот почнал да му поставува прашања и на тој начин да го
прекинува пациентот во решавањето. Најпрво го прашал зошто му е потребен
психолошкиот тест, а откако му била објаснета причината, го прашал и зошто му е
потребна здравствена услуга од психијатар. Пациентот објаснил која е дијагнозата
поставена од психијатарот. Незадоволен од одговорот, психологот побарал
објаснување што ги предизвикува тие состојби, на што пациентот објаснил дека
неколку месеци претходно дознал дека е ХИВ позитивен, што придонело кон
поголемо вознемирување на неговата психолошка состојба. Видно зачуден од
одговорот, психологот го прашал пациентот како се заразил со ХИВ, на што
пациентот одговорил дека ХИВ инфекцијата му била пренесена преку сексуален
однос со друг маж. Барајќи изговор за понатамошно испрашување, психологот рекол
дека овие информации му се потребни со цел да изработи поточни резултати од
психолошкиот тест, па продолжил со прашањето што го натерало пациентот да
мисли дека сака мажи. Младиот пациент одговорил дека отсекогаш бил свесен за
својата сексуална ориентација и дека отсекогаш го привлекувале мажи, по што
следувало прашање дали тој некогаш имал сексуален однос со женско. Кога добил
негативен одговор, психологот почнал да изнесува свои лични вредносни судови во
врска со сексуалната ориентација на пациентот, при што, меѓу другото, рекол дека
таа (т.е. психологот) е „од постарите генерации и истополовите сексуални односи не
ги смета за нормални“, дека тоа било „само помодарство донесено од Западот“ и
дека ние тука „се обидуваме да глумиме модерни“; понатаму, дека таа „може да
разбере само луѓе кај кои тоа е резултат на хормонска нерамнотежа“, но и дека со
пациентот „тоа не е случај“, туку е „резултат на тоа што неговата мајка не го гледала
додека бил мал, поради своите психолошки проблеми“ (заклучоци што психологот
ги извел од информации што, исто така, биле споделени од пациентот во текот на
разговорот). Најпосле, таа констатирала дека „тоа што момчето добило СИДА е казна
за тие што глумат модерни“ и уште дека „завлегол во тие мрачни води по
организации“ – повикувајќи се на претходна изјава на момчето дека побарало
помош во организација за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ. По ова, момчето
се обидело да ја прекине дискусијата со зборовите: „Ќе Ве молам ако може Вашите
лични ставови да ги задржите за Вас, јас сум тоа што сум, нема потреба да се
објаснувам. Ако може да ме оставите да го дорешам тестот“.
1. Дали во случајов се повредуваат некои човекови права? Кои права се
повредуваат и зошто?
2. Дали во случајов има дискриминација? Ако има, кој е основот, обликот/
видот на дискриминација, кој е дискриминаторот? Ако да, зошто сметате дека
има дискриминација?
3. Дали се прекршуваат некои закони во случајот? Образложи зошто?
4. Доколку сте Вие правен советник/чка што би преземале? До која ин-
ституција би се обратиле?
74