S-Work No.65 65 | Seite 12

в Пријателите од Place Blanche: животот на сексуалните работници во Париз Кристер Стромхолм е шведски фотограф кој во 1950-те и 1960-те години случајно се нашол во Париз, во времето кога претседателот Шарл де Гол повторно го вовел законот стар 300 години, со кој сопствениците на јавните куќи кои им дозволувале на сексуалните работници да работат во нивните простории биле казнувани така што им биле одземани имотите. Овој шведски фотограф започнал да експериментира со еден аспект на уличната фотографија, прикажувајќи го она што само малкумина се осмелувале да го направат. Стромхолм не бил само пасивен набљудувач, наскоро тој му се приклучил на овој „забранет свет“, а девојките, транссексуалците и трансвеститите кои ги фотографирал на Place Blanche станале негови пријатели. Родени како мажи или како жени, овие „дами на ноќта“ се претставени како филмски ѕвезди низ неговите фотографии. Во тоа време животот на транссексуалците во Париз воопшто не бил лесен. Не можеле да добијат социјално осигурување, ниту пак да најдат работа бидејќи нивниот изглед не одговарал на описот од личните документи за идентификација. Откако општеството им свртило грб, тие започнале да ги продаваат своите тела. Оние кои заработувале повеќе пари често пати се упатувале кон Казабланка, каде што биле изведувани легални операции за промена на нивниот пол. Во 1983 година, Стромхолм ја објавил книгата Les Amies de Place Blanche, составена од неговите фотографии, како и од неколку есеи. „Ова е книга за несигурноста. Портрет на оние кои живеат поинаков живот во Париз, за луѓето кои ја издржуваат грубоста на улицата. Ова е книга за потрагата по сопствениот идентитет, за правото на живот, правото на контрола врз сопственото тело. Но, ова е книга и за пријателството, една приказна за животот кој го живеевме во Place Blanche, за пазарите, улиците и малите хотели во кои престојувавме. Ова се слики од едно друго време. Времето во кое де Гол беше претседател и Франција војуваше со Алжир. Ова се слики од жени – родени како биолошки мажи – кои ги нарекуваме транссексуалци. Но јас, јас ги нарекувам „моите пријатели од Place Blanche“. Ова пријателство започна овде, во раните 60-ти и трае до ден денес“, вели авторот. Извор: Messy Nessy Chic 12