S-Work Magazine S-Work | Page 2

По деветти пат во Скопје ќе се одбележи 17-ти декември - Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници Првиот колектив на сексуални работници Стар-Стар, годинава по деветти пат ќе се приклучи кон глобалната акција за солидарност кон сексуалните работници во пресрет на Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници на 17-ти декември. 17-ти декември е ден кој ги обединува сексуалните работници од целиот свет, заедно и здружени, гласно да говорат против дискриминацијата и со своето делување да ја подигнат свеста кај пошироката популација која секојдневно поттикнува насилство и агресија кон оваа маргинализирана група луѓе. Сексуалните работници се соочуваат со закони кои не ја поддржуваат нивната работа и кои придонесуваат кон нивна дискриминaција, криминализација и изолација од социјалниот живот. Истите оневозможуваат сексуалните работници да го пријавуваат насилството кое секојдневно го трпат заедно со своите најблиски. Светот не треба да затвора очи пред вистината дека овие луѓе ги губат човековите права. Сексуалните работници подеднакво треба да ги уживаат човековите права, а воедно и да бидат причина повеќе за донесување закони кои ќе ги заштитуваат и ќе овозможат нивно вклучување во социјалниот живот. Иницијативата за одбележување на овој ден доаѓа од д-р Ени Спринкл со една единствена цел - поддршка на сексуалните работници од САД, како ден на кој се оддава почит на жртвите на убиецот од Грин Ривер во Сиетл, Вашингтон. Убиецот изјави: „Сакав да убијам колку што можев повеќе. Знаев дека никој нема веднаш да ги пријави за исчезнати, па дури можеби и никогаш нема да бидат пријавени. Собирав проститутки затоа што мислев дека можам да убијам колку што сакам од нив без да бидам фатен”. Гери Лајон Ридвеј беше осуден на доживотна казна затвор и му беше изречена парична казна во висина од 10000 долари за секоја убиена жртва на 18-ти декември 2003 година. 2