Информатор на општина Новаци 21 | Page 5

Општина Новаци расположена за соработка во откривањето на ураниум во пограничните села Американска разузнавачка агенција уште од средината на минатиот век активно ја следи состојбата со можното наоѓалиште на ураниум во Македонија, покажуваат документи кои се отворени за јавноста, а за кои јавува МИА. ЦИА постојано врши анализи на македонските ресурси и рудни богатства. Една од овие проценки, од октомври 1955 година, била заведена како таен документ во нејзините архиви и во неа се наведува дека Македонија располага со ураниум, во близина на границата со Грција. "Најбогатите наоѓалишта на ураниумска руда во Југославија се смета дека се во близина на југословенско-грчката граница, во планините јужно од Битола. Рудата се наоѓа во глина која Југословените ја нарекуваат диатомејска глиница (диатомејска земја). Југословените планираат да изградат шесткилометарска жичница до Прилеп, каде би се отворила постројка за дробење на рудата. Изградбата на оваа жичница се проценува на милион динари“, пишува во информацијата која е достапна за јавноста, но откако значителен дел од документот претходно бил избришан. Овој кус податок е најинтересното сознание од записите за рудните богатства на Македонија кои ЦИА ги има отворено за јавноста. Од другите македонски ресурси, ЦИА го нотирала постоењето на рудникот за злато Дудица кај Демир Капија, за кој забележува дека германските окупациски сили сакале да го експлоатираат во текот на Втората светска војна, а во времето на Југославија биле извршени пробни копови и се утврдило дека златната жила продолжува до границата со Грција. Информациите за резервите на ураниум во Македонија се од најголем интерес, имајќи ги предвид повремените иницијативи за изградба на нуклеарна централа во Македонија. Објавувањето на тајните документи на американскиот Стејт департмент од страна на организацијата Викиликс откри дека американскиот интерес за македонскиот ураниум не завршил во 1950-те години. Во оваа белешка не се наведува каде се наоѓаат овие потенцијални резерви на ураниум на македонска територија, односно дали се работи за истата локација која ЦИА ја имала забележано пред 60 години. Општината Новаци која е најбогат ресурс со јаглен и други минерали во Државата, доколку има било какви иницијативи за истражување на тукашните рудни богатства, е спремна за соработка. - Постарите луѓе, на времето копале момирок, а покрај момирокот се копаше и јаглен, и се дискутираше во тој дел – дали ова е штетно, дали тоа е радиоактивно, но немаме некои поголеми сознанија околу тоа. Нашата Општина стои на располагање, ако има такви сознанија, да почниме да соработуваме - рече градоначалникот на Општина Новаци, Лазар Котевски. 5