Се одржа традиционалниот Марш на Црвениот
Чадор по повод одбележување на 17-ти
декември - Меѓународниот ден за СТОП на
насилството врз сексуалните работници
Традиционално, како и секоја година, СТАР и сексуалните работници го одбележаа 17-ти
декември, Меѓународниот ден за СТОП на насилството врз сексуалните работници со
организирање на Марш на црвениот чадор во центарот на Скопје. Околу 100-тина учесници,
сексуални работници, активисти и поддржувачи маршираа од пред Спомен куќата Мајка Тереза до
плоштадот Карпошово востание, приклучувајќи се кон глобалната акција за солидарност кон
сексуалните работници со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно
се соочува оваа маргинализирана група.
Одбележувањето на овој ден е од големо значење за сите сексуални работници со цел гласно да
говорат против дискриминацијата и да ја подигнат свеста кај пошироката популација која
секојдневно поттикнува насилство и агресија кон оваа маргинализирана група луѓе. Сексуалните
работници апелираат да се запре насилството кое секојдневно го трпат, институциите и
полицијата да почнат да ги заштитуваат и да се започне да се зборува јавно за сексуалната работа.
Овој ден е посветен на нивната борба за подобра иднина, за поголема видливост и добивање на
загарантираните човекови права.
Со пораката ДЕКРИМИНАЛИЗАЦИЈА СЕГА!, сексуалните работници им порачаа на институциите и
стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на сексуалната работа. Заедницата на
сексуални работници смета дека со декриминализација на сексуалната работа се отвора можност
за унапредување на здравјето, благосостојбата и човековите права на сексуалните работници.
Заложбите за регулација на сексуалната работа во Македонија се засноваат врз потребите на
сексуалните работници за заштита на нивните права, за создавање на безбедните услови за живот
и работа, како и превенција од насилство и експлоатација. Ви пренесуваме дел од атмосферата
преку фотографии.
2