S-Work No.69 69 | Page 3

„ Две од оние“: Арт-акт-ум за моралот и предрасудите

Помина многу време откако пудрата и карминот на „ Две од оние“ некогашни скопски ноќни дами од „ Фенерли-ан“, „ Венеција“, „ Марс“, „ Океан“, „ Бела кафеана“, од „ Бристол“, полека беа избришани од тешката рака на стигмата.
Скопје живеело боемски, велат, се будело со првиот мрак, со миризбата на хашиш, со играта барбут и унте, со забавите и посетите на дамите на ноќта. Скопје било страст, а стариот занает го исполнувал со шарм. Сексуалните работнички пленеле со гламур, а мажите не можеле да одолеат и ги милувале и ги чувале како вистински дами на ноќта. А тие со самодоверба, со сексапил, движење на колковите на музиката што ечела, ги мамеле мажите, кои веднаш по работните часови, оделе да флертуваат со сатенските фустани. Дотерани во смокинзи ги земале дамите од елитните бордели и со пајтоните ги носеле во скопските елитни хотели. Тоа било Скопје, ненадминлива еротика, која ги инспирирала уметниците, поетите, интелектуалците да создаваат дела посветени на „ Две од оние“.
Но, многу вода истече низ Вардар, откако познатиот македонски уметник Никола Мартиноски ги насликал ѕидовите на познатата скопска кафеана „ Океан“ со композиции на голи мажи и жени, како симбол и ода на слободната љубов. Мартиноски сакал да го прикаже ноќниот живот со пијани луѓе, нимфи, кафеански веселби, портрети на дамите на ноќта. Набргу по завршувањето на фреските бил пријавен во полиција поради порнографски слики кои го навредувале јавниот морал. Затоа и се соочил со еден ден казна затвор. Можеби ова е почетокот кога повторно почнува стигмата да владее во однос на дамите на ноќта и тие почнуваат да се соочуваат со морализаторски препреки.
Затоа се поставува прашањето: Кога малото Скопје со велеградски стремежи стана тло удавено во стигма и дискриминација?
Сексуалната работа во нашето општество е заградена со непробоен ѕид од предрасуди.( И) легалниот статус, потешкиот пристап до здравствените услуги, големата изложеност на насилство и етикетирањето доведоа до постепено губење на основните човекови права за сексуалните работници.
Во државава имаме околу 3000 до 5000 сексуални работници кои секојдневно се изложени на насилство, не само од своите клиенти туку и од органите на безбедноста кои би требало да ги заштитат.
3